Обврските кои би ги презела македонската држава со ваквиот предлог неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент, предупредуваат експертите. Oва всушност значи дека ЕУ ќе гарантира дека Скопје ќе ги исполни барањата на Софија.
Македонските црвени линии треба да бидат преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија. Ова како еден вид предупредување уште во март го соопштија Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) кои изработија документ. „Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици.
Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент", соопштија институтите.
Предлогот на Франција е овие услови на Бугарија да влезат во рамката и тоа во кластерот Фундаменти, што уште повеќе ја засилува улогата на Бугарија во текот на целиот преговарачки процес во однос на исполнувањето на условите за членството на Македонија во ЕУ.
Франција безусловно предлага измени на македонскиот Устав и внесување на Бугарите како дел од народите кои живеат во Македонија. Инаку, колку за потсетување, Франција е државата која упорно не ја потпишува Конвенцијата за заштита на малцинствата и не признава национални малцинства.
Според тој предлог македонскиот јазик во преговарачката рамка би останал без дообјаснувања или фусноти, но тука се чека на одговорот на Бугарија и нивното барање за фусноти во однос на постоењето на македонскиот јазик. Во предлогот се предвидува двете земји со унилатерални декларации да ѝ се обратат на ЕУ со објаснување за јазикот.
Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои преговарачката рамка за Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Веднаш потоа би требало да се закаже уште една меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори, а која би се одржала откако Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот за внесување на Бугарите во преамбулата.
Обидот на Франција да направи баланс меѓу црвените линии на двете страни, всушност е само одговор на голем дел од условувањата на Бугарија.
Македонија има задача и да усвои акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците, чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил објави делови од документи на кои се наведува дека се предлог- заклучоци за состанокот на Комитетот на постојаните претставници на ЕУ, закажан за 20 јуни.
Во извадоците се посочува дека Македонија треба да покаже опипливи резултати во посветеноста на добрососедските односи и поблиската регионална соработка и со добра волја да ги имплементира билатералните договори, вкучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососерски односи со Бугарија од 2017 година, како и билатералните протоколи за негова имплемнтација.
Според пренесените делови од документот, напредокот на земјава во преговорите со ЕУ, меѓу останатото, ќе се оценува и според почитување на Копенхашките критериуми во делот на стабилност на демократските институции, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и заштита на малцинствата.
„Посебно внимание ќе биде посветено на заштитата и недискриминаторскиот однос кон граѓаните припадници на малцинства или заедници. За да се осигура иреверзибилност (неповратливост) на напредокот во однос на овие сфери и нивна целосна и ефикасна имплементација, напредокот внимателно ќе биде следен од Европската комисија, која за тоа редовно ќе го известува Европскиот совет“, се наведува во пренесените делови од докумнетот, во кои се додава дека напредокот во овие сфери ќе се следи во целиот тек на преговарачакиот процес.
Во својата објава на Фејсбук, Милошоски посочува дека во документот „има сериозни влошувања наметнати како дополнителни услови“ за земјава.
„Билатералниот Договор од Преспа, како и Договорот со Бугарија станува составен дел од преговарачката рамка со ЕУ, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати. На Македонија ѝ се отвара уште едно малцинско прашање (читај повторно отворање на Уставот) кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција. Процесот на стабилизација и асоцијација кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната декларација на Бугарија од 2019 година“, наведува Милошоски во објавата.
Претходно вчера, софискиот весник „Дневник“ објави дека француското претседателство со Европската Унија на земјите членки на ЕУ им понудило „формула за почеток на преговорите за членство на Македонија, којашто се чини дека ги задоволува условите на Бугарија за давање согласност и повлекување на ветото“.
„Дневник“ наведува дека француската формула предвидува преговарачкиот процес со земјава да почне дури откако ќе се извршат измени во Преамбулата на Уставот, поврзани со „граѓаните кои живеат во државата, а кои се дел од други народи, вклучително и Бугарите“.
„Само тогаш брзо ќе биде свикана првата меѓувладина конференција, со што ефективно ќе започне преговарачкиот процес за членство“, пишува софиски „Дневник“.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера од Охрид ја повика опозицијата да не се обидува прашањето околу евроинтеграцијата на земјава да го става во функција на партиските митинзи, коментарајќи ги наводите во врска со предлог-заклучоците објавени од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Мислам дека опозицијата се обидува да создаде атмосфера пред нивниот протест, за да повлечат некој човек повеќе. Мислам дека досега не се покажаа кредибилни нивните ставови и извори. Тоа што јас можам да кажам е дека е започнат процес на консултации помеѓу земјите членки пред да се усогласи став на сите земји членки по однос на процесот понатаму за да може да стигне кај нас, за да ние ги анализираме тие предлози и дадеме наши забелешки, доколку има такви забелешки. Значи процесот е тој. Прво, француското претседателство дава предлози коишто ги дистрибуира до сите земји членки, секоја земја членка може да даде забелешки вклучувајќи ја и Република Бугарија. Атмосферата во Република Бугарија, сите сме сведоци каква е. Затоа јас не би влегол во коментарни на различните предлози, бидејќи сметам дека е прво важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки, а отпосле ќе ги кажеме ние нашите ставови“, рече Османи на новинарско прашање на завршната прес-конференција по повод Преспа форумот за дијалог во Охрид.
Тој потвди дека се запознаени со сите информации уште пред да излезат, преку редовните канали за комуникации и повтори дека се чека ставот на земјите-членки за потоа ние да ги кажеме нашите забелешки, а секоја наша одлука ќе помине низ Парламентот.
„Меѓутоа тоа се предлози коишто сега се пуштени до земјите членки. Сметам дека наша позиција треба да биде да чекаме што ќе кажат земјите, ние после ќе ги кажеме нашите забелешки дали е нешто прифатливо или не е нешто прифатливо. А сум кажал неколкупати доколку се решиме за некој одговор и одлука се разбира ќе бидат консултирани и пратениците и опозицијата“, додаде Османи.
А.Д.