За регистрација на Движењето Илирида ако треба ќе одиме и до Стразбур, вели нивниот адвокат
Фото: социјални мрежи
1695029435

Пред нешто повеќе од две години кога Движењето Илирида промовираше дека ќе се регистрира како партија и ќе се залага за федерализација на Македонија, тогашниот премиер Зоран Заев даде свој коментар: Кога затајува Европа се појавува Илирида!

„Феноменот на нон-пејперите и сега овој проект за 'Илирида' кој повторно се иницира, се промотори на националистичките политики во регионот, и не само во регионот кога затајува Европа. Тоа е сигнал и за Бугарија и за Брисел дека треба поинтензивно да го продолжат процесот на интеграција на регионот во ЕУ. Тоа е исполнување на долгот кон Западен Балкан, а кон Северна Македонија тој долг е поголем 10 пати, зашто ние со концептот Едно општество за сите, ги обединивме сите различни етнички заедници. Ние сме пример и за решавање на регионалните и соседските прашања“, рече Заев во 2021 година.

с

Дали беше Заев во право е друго прашање, но аналогно на неговиот коментар, може да се каже дека оттогаш до сега Европа затајува во поглед на Македонија па можеби е таквата ситуација плодна почва за растот на бројот на партии на Албанците овие месеци, меѓу кои свое парче од електоратот бара и Движењето Илирида.

Движњето Илирида по подолг период повторно станува актуелно откако деновиве во седиштето во Гостивар се одржал состанок со претставникот на Мисијата на ОБСЕ, Александер Девицидис.

„На оваа пријателска средба стана збор за начините за изнаоѓање соодветни решенија за надминување на незаконските пречки кои му се наметнуваат на Движењето Илирида за да се попречи негово функционирање како политички субјект. Господинот Девеџидис е информиран дека Движењето Илирида е целосно посветено на процесот за регистрација и му изразивме загриженост во врска со пречките кои ни се поставуваат иако согласно Законот за политички партии, се доставени потребните документи и е запазена процедурата“, информираат од движњето преку соопштение објавено и на социјалните мрежи.

d

МКД.мк упати прашање до претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, министер за надворешни работи, и сме во очекување на одговор, дали е информиран за средбата на претставникот на Организацијата со Движњето Илирида и кој е неговиот став за овие разговори и за самото соопштение од Гостивар за средбата.

Инаку, ова движење во истото сооштение ги информира членството и симпатизерите, дека ниту името на субјектот, ниту знамето, ниту другите симболи, па ниту Програмата и Статутот не се спорни, спорен е самиот суд, велат затоа што има барања надвор од законот. Во тој контекст се наведува дека државјанства може да се бараат од самите подносители, но не и од сите граѓани кои со свој потпис дале поддршка.

Адвокатот Сејфула Османи во изјавата за МКД.мк нагласува дека судот, одбивајќи ја регистрацијата, не ја ниту спомнал заложбата за федерализација на Македонија.

„Јас веќе поднесов жалба до Апелацискиот суд“, ни рече Османи.

На прашањето што е следниот чекор, доколку повторно биде одбиено барањето за регистрација, Османи вели: „Ќе ги исцрпиме и другите правни чекори кои ни стојат на располагање, а потоа, ако е потребно, ќе одиме пред меѓународни судски инстанци, ќе одиме и до Судот во Стразбур“.

„Некогаш судот бара државјанства, некогаш не бара. Најверојатно причината е програмата, судот сакал да најде пречка, но програмата воопшто не е спомената во образложението“, нагласува Османи.

На прашањето дали има основа судот да одобри регистрација на партија која ќе се залага за поделба на државата, односно за федерализција и промена на уставниот поредок, Османи вели дека тоа во самата програма не е токму така наведено.

д

„За прашањето за федерализација во програмата стои дека такво барање евентуално би било активирано, но во договор со други политички актери. Самата програма е дури и со многу полиберални заложби во споредба со други политички партии“, вели Османи и додава дека тој е сепак правен застапник и дека не би дебатирал политички теми.

Инаку, во времето кога Движњето Илирида беше поактуелно, во мај 2021 организирана беше дебата во Тетово на која главниот мотив беше да се реафирмира желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година за политичко-територијална автономија на Албанците.

„Триесет години сме сведоци на жртвувањата за да владееме заедно со другите народи во Македонија, но ова заедничко владеење не ги даде саканите резултати. Крајно време е за промени. За да постигнеме регистрација како политичка партија и да учествуваме во изборите и изборната кампања, ќе го поднесеме барањето за федерализација на државата и ако ги освоиме гласовите на граѓаните, по автоматизам ќе го формираме парламентот на Илирида, која ќе функционира како втора република во рамки на Македонија”, кажаа тогаш од ова движење.

Во платформата на овој субјект кој бара регистрација како партија, тогаш беше запишано дека федерализацијата би се применила со промена на Уставот, каде би се дефинирала Македонија како држава на два државотворни народи, на албанскиот и македонскиот, со ново знаме, грб и химна и со повлекување на внатрешна граница , како и со формирање на парламент на Илирида, додека Собранието на Македонија би станало дводомно – со дом на граѓаните и дом на етничките заедници.

                                                                                                                         П.Џамбазоски