Овој потег следи откако речиси 10.000 мигранти пристигнаа на јужниот италијански остров Лампедуза минатата недела, што сериозно ја наруши веродостојноста на десничарската премиерка Џорџа Мелони, која минатата година ја презема власта ветувајќи сузбивање на нелегалната миграција. Мелони на почетокот на состанокот на владата изјави дека мигрантите кои чекаат репатријација треба да бидат задржани шест месеци, со можност за продолжување на 18 месеци, наместо сегашните три месеци.
„Тоа ќе биде доволно време не само за да се извршат потребните проценки, туку и за спроведување репатријација на оние кои не ги исполнуваат условите за меѓународна заштита“, кажа Мелони.
Изворите кажале дека владата брзо ја одобрила таа мерка, како и формирање нови центри за задржување во оддалечени подрачја. Мелони кажа дека Италија мора да го зголеми капацитетот на таквите објекти бидејќи се ослабени со „годините емиграциски политики“.
Според италијанскиот закон, мигрантите кои се соочуваат со репатријација можат да бидат задржани ако не можат веднаш да бидат протерани. Повеќето мигранти, како што тврдат функционерите, доаѓаат во Италија од економски причини и затоа немаат право на азил. Обидите за задржување на мигрантите во минатото главно пропаѓаа, бидејќи задржани често излегуваа од центрите и се впуштаа на пат кон побогатите земји од северна Европа.
Во април италијанскиот парламент одобри мерки за отворање нови центри за мигрантите кои чекаат решавање на барањата за азил, како и повеќе објекти за задржување на мигрантите кои треба да бидат протерани. За тоа во следните две години се издвоени околу 20 милиони евра. Во оваа година во Италија пристигнале повеќе од 127.000 мигранти, според владините податоци, што е речиси двојно повеќе од истиот период минатата година.