Полицаецот што ја усмрти мигрантката Фатмата ќе одговара за тешки дела против општата сигурност
Фото: социјални мрежи
1695744412

Како  што соопшти Јавното  обвинителство, настанот се случил на 19 април 2023 година, во раните утрински часови близу Гевгелија, кај местото викано „Стара Касарна“

Тогаш полициски службеник, распореден за опсервирање на теренот, го известил обвинетиот раководител на смена, дека група мигранти илегално ја преминале државната граница државава.

Обвинетиот контактирал со полициски службеници за граничниот премин Богородица кои требало да ги пресретнат и спречат мигрантите, по што полициските службеници се поставиле во близина на објект во изградба кај поранешната касарна Гевгелија.

Откако во дворот на касарната биле забележани две возила во движење форд фокус и мерцедес, обвинетиот издал наредба на двајца полициски службеници да се упатат кон главниот влез на касарната, додека тој тргнал кон групата мигранти.

„Кога обвинетиот се приближил на околу педесетина метри зад автомобилот форд Фокус го забележал сега осудениот како излегува од возилото. Во меѓувреме групата мигранти се стрчале кон ПМВ марка мерцедес, а обвинетиот откако им дал звучен сигнал од неговото возило се упатил кон нив со цел да го лиши од слобода второосудениот кој веќе ги прифаќал мигрантите туркајќи ги и обидувајќи се да смести што повеќе од нив внатре во возилото. Притоа второосудениот не се одзвал на предупредувањето од обвинетиот кој извикал „стоп полиција“ по што обвинетиот полициски службеник уште еднаш го предупредил држејќи во раце службен пиштол“, се наведува во соопштението.

Иако знаел, како што се додава во соопштението,  дека може да реагира и со тоа свесно да го доведе во ризик животот и телото на останатите присутни, обвинетиот му се приближил на второосудениот кој наеднаш се свртел и се втурнал во обвинетиот, замавнувајќи со десната рака кон вратот на обвинетиот, по што се нафрлил врз него обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Обвинетиот и покрај тоа што бил свесен дека на местото на настанот има поголема група на лица – мигранти, како и тоа дека во раката држи огнено оружје полно со муниција, се впуштил во борба со второосудениот и притоа испукал еден истрел предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на насобраните лица.

Испуканиот истрел, ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи и повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

За кривично правниот настан пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се водеше уште една постапка во која по признание на вина две лица се правосилно осудени на затворски казни за кривично дело криумчарење на мигранти.