Лицемерство
1700041188

Самиот збор „лицемер“ е сликовит и би можел да се протолкува и на следниот начин: „лице-мер“ – оној што го мери, го дозира своето лице во зависност од својата цел и контекстот во кој се наоѓа.

Влијание на околината

Уште од раѓањето, нашите сознанија и претстави за светот околу нас ги формираме под влијание на околината што нѐ опкружува и луѓето покрај кои растеме. Врз основа на нашите искуства со луѓето покрај кои растеме донесуваме заклучоци за себе, за другите луѓе и за светот во кој живееме. За себе – дали сме добри или лоши; за другите луѓе – дали можеме или не можеме да им веруваме и да се потпреме на нив; за светот – дали е сигурно или несигурно место за нас.

Доколку измамата и манипулацијата се начин на кој комуницираме со другите луѓе, една од претпоставките за тоа како сме ги избрале и усвоиле може да биде таа дека сме ги научиле по модел, така што сме гледале, слушале и впивале како се однесуваат луѓето покрај кои сме растеле. Возрасните чии зборови се разликуваат од нивните дела, така што зборовите им се нежни и мили, а делата груби и бесчувствителни, му упатуваат спротивставени пораки на детето. Овој модел на однесување често е проследен со имплицитно и експлицитно барање детето да им верува на нивните зборови, а не на она што го прават, со закана со казна ако ги преиспитува нивните постапки.

Рани искуства и одлуки

Соочени со пораки што меѓусебно се спротивставени, различни деца донесуваат различни заклучоци и одлуки. Некои деца можат да изберат послушност, да веруваат во она што го слушаат, а не во она што го гледаат, чувствуваат и доживуваат. Овие деца можат да заклучат дека е опасно да размислуваат и дека со изнесување на сопственото мислење можат да си направат себеси проблем и да ризикуваат казна, отфрлање и ускратување љубов. На тој начин се обидуваат да се заштитат, да си создадат некој ред и мир, и евентуално да добијат љубов и прифаќање.

Други деца можат да изберат бунт против однесувањето што се разликува од изговорените зборови, да веруваат во она што го гледаат и да реагираат на тоа. Тоа значи гласно да укажуваат на постапките на луѓето покрај кои растат и да ги нарекуваат нештата со вистинското име. На тој начин се обидуваат да ја променат ситуацијата и да се борат за себе и за она што веруваат дека е исправно, и по цена на казна, ускратување љубов и отфрлање.

Дел од децата можат да го ископираат моделот на однесување на кој се изложени – да го говорат и да го прикажуваат она што луѓето покрај кои растат сакаат да го чујат и видат и да не ги конфронтираат со нивните дела, а во тајност да се обидуваат да го спроведат она што го наумиле. Да го прават она што ќе им донесе корист и за што процениле дека е пожелно од страна на луѓето покрај кои растат. На тој начин вежбаат неискреност, извештаченост и манипулација како начин на комуникација со другите луѓе и го усвојуваат лицемерството како начин на живеење.

Независно од одлуката што ја донеле, заедничко на сите деца што растат во атмосфера на лицемерство се изневереноста и незадоволените потреби за безусловна љубов, топлина и прифаќање. Болката и страдањето се неодвоив дел од нивното растење, а себичноста, суровоста и бесчувствителноста начин на постапување со нив и нивно секојдневие. Растат со порака дека не се важни бидејќи луѓето покрај кои растат не водат сметка за нивните чувства и потреби, а нивното мислење не го земаат предвид.

Затвореност и дистанца

Затвореноста е една од доминантните карактеристики на лицемерните луѓе и начин на кој тие се штитат и одржуваат дистанца со другите луѓе. Тоа значи дека со другите луѓе не ги делат своите размислувања, ставови и животни искуства низ кои поминуваат. Не ги откриваат своите намери и планови. Независно од тоа што им се случува во одреден момент, или низ што поминуваат, нудат ѕид од љубезност, широка насмевка и „безопасни“ теми за разговор, како што се временска прогноза и секојдневни случувања во околината.

Блискост и интимност

Последица на нивното рано искуство е дека немаат потреба да бидат со некого блиски, интимни, отворени и искрени. Големо мнозинство и не знае што е тоа блискост и интимност и зошто служат. Блискоста и интимноста со себе носат изложеност, а со тоа и ранливост. Во изложеноста нема скриени места за криење на вистинското лице и намера, а тоа е токму она што лицемерните луѓе го прават и начин на кој функционираат. Избегнувајќи ја блискоста се штитат од повредувања, но и од желбите, очекувањата и барањата што другата личност би можела да ги има во однос на нив.

Појавно може да бидат насмеани и пријатни, но зад таа пресметлива пријатна фасада е ѕид, често непробоен за чувства и емоции. Средбата со нив може да изгледа пријатна, спонтана и опуштена, но само од страна или во текот на првите „пет минути“. Луѓето што бараат автентичен, неусилен и топол човечки контакт многу брзо ќе се почувствуваат непријатно во нивното друштво. Стануваат свесни за лебдечка тензија, форсиран хумор и расположение, наметнати „незадолжителни“ теми и премолчано забранети содржини со нагла промена на темата. И сето тоа со широка насмевка, извиени веѓи и вкочанет израз на лицето, кое по нивниот критериум одразува љубезност и фини манири, а за другите луѓе е извештаченост и неискреност.

Остварување интереси наспроти градење релации

Лицемерните луѓе се фокусирани на задоволување на своите потреби и остварување на своите интереси, а не на другите луѓе и градењето на релации со нив. Другите луѓе за нив се појава што постои во нивната околина и која може да биде корисна за нешто да добијат или остварат, но исто така и загрозувачка за нив и нивните интереси и планови. Затоа доминантно се на дистанца од другите луѓе, претпазливи во контактите и комуникацијата. Прецизно ги мерат и ги дозираат своите зборови и постапки, а за различни луѓе имаат различни „лица“, во зависност од тоа дали ги процениле како „корисни“, „штетни“ или „небитни“ за своите цели. Особено се трудат да ги шармираат и освојат „корисните“, тактични се со „штетните“ и максимално се трудат да ги избегнат и да не им привлечат внимание, а „небитните“ ги сметаат за толку неважни што пред нив често и не се трудат да го скријат своето вистинско лице.

Токму поради овој пресметлив пристап, надмена самоувереност и демонстрирано непочитување, многу луѓе ги гледаат токму во нивното вистинско светло, а не во она во кое тие сакаат да се претстават. Лицемерните луѓе не ги почитуваат другите луѓе и ја потценуваат нивната интелигенција и капацитети да ги прозрат и препознаат нивните скриени намери.

Во идеални услови, ќе умееме да ги препознаеме на време и да ги заобиколиме во широк лак. Во помалку идеални услови, ќе сфатиме дека сме искористени, прескокнати или неприметени, во зависност од тоа дали низ призмата на нивните интереси нѐ виделе како „корисни“, „штетни“ или „небитни“. Но и тоа може да ни биде школа од која ќе научиме нешто важно за нас и во кое нема да бидеме повторувачи.

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Илустрација: Ансплеш

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.